Какво е влијанието на високите температури врз земјоделието

Високите температури кои ја зафатија државата и се невообичаени за овој период, немаат негативно влијание во моментот, но доколку настане повторно промена на времето односно заладување тогаш можат да се појават и проблеми во овоштарството, лозарството, градинарството, поледелството, пчеларството.

Кај овошките топлото време доведува до предвремено расцветување и доколку дојде до намалување на температурите и појава на мраз тогаш ќе настане процес на измрзнување. Токму од ваквата временска појава овоштарите стравуваат од загуби поради измрзнување. Во градинарството во моментот топлото време позитивно влијае врз производството и тоа од повеќе аспекти: забрзан развој на растенијата, поголем процес на фотосинтеза, подобар развој, намалени трошоци за загревање на пластениците (стакленици), што директно влијае врз крајната цена на самиот производ особено кај доматите, краставицата и пиперката. Доколку дојде до намалување на температурите, негативни последици ќе има врз развојот на растенијата и некои градинарски производи како што е зелката можат да претрпат и шокови, односно како што се случи пред две години да дојде до расцветување на зелката.

Високите температури придонесоа житариците поволно да се развиваат, но постои опасност од намалување на влагата во почвата, поради сушната зима и тоа негативно влијае на нивниот развој. Ако настапат ниски температури и мраз, негативните последици исто така ќе има и врз развојот на житариците.

Токму температурните разлики се дел од климатските промени кои веќе влијаат врз македонското земјоделство. За справување со ваквите промени се апелира на спроведување на едукативни кампањи за адаптирање на земјоделството врз климатските промени, како и навремено информирање, едуцирање и користење на нови технологии.